Колку просторијата во која работите влијае на вашата продуктивност?
Истражувањата покажуваат дека отворените канцеларии не се добри за продуктивноста и бенефитот на вработените, но вообичаената алтернатива, „коцките“, не се ништо подобри.
„Сознајниот фокус може да биде поттикнат и подобрен од физичката околина која нe опкружува“, вели Сузан Карлсон, директор за внатрешен дизајн во NBBJ, глобална архитектонска компанија за планирање, дизајн и уредување, која ги дизајнирала канцелариите на големите компании како Google, Amazon, Samsung, Nike, Boeing и Macy’s.
Осветлување и прозорци
Лицата кои работат во канцеларија со прозорци и се изложени на повеќе дневна светлина, спијат подобро навечер од оние лица кои работат во канцеларија без прозорци.
Амбиентално светло
Изложеноста на природна светлина се поврзува со подобрени перформанси на работното место и подобар сон. Просториите со придушена светлина пак, можат да ја подобрат креативноста.
Звучна бариера
Лицата кои работат во отворени канцеларии се поизложени на врева од оние кои работат во канцеларии со „коцки“, како и на нелагодност во однос на температурата и лош квалитет на воздухот, покажуваат резултатите од едно истражување. Вревата е една од највообичаените одвлекувања на вниманието во отворените канцеларии.
Личен простор
Едно истражување покажало дека вработените кои имале можност да уредат мал простор од канцеларијата со фотографии и декоративни растенија покажале 32% поголема продуктивност од оние кои ја немале оваа можност. Вработените кои имаат поголема контрола над нивниот простор полесно се идентификуваат со својата работа.
Разновидност во просториите
Најважното нешто, кое една канцеларија треба да го содржи, е можноста за разновидност. Визуелните елементи кои ја нарушуваат монотонијата во просторот, приватниот и полуприватниот простор, каде вработените можат да ја извршуваат својата работа, можат да придонесат кон продуктивноста.
„Не мора да се работи за ѕидови… но, потребни се визуелни опструкции овде или онде“, вели Карлсон. „Опструкциите во околината можат да бидат позитивни, давајќи им на луѓето избор каде сакаат да извршуваат одредени задачи, за разлика од отворените простории направени само за да има отворен простор.“ Таа додава: „Голем дел од успешните компании им дозволуваат на вработените избор да ги извршуваат задачите надвор од своите работни бироа. Еден модел кој би требало да им одговара на сите е една од големите грешки кои се прават во уредувањето на работните простории.“
Декорации и растенија
Неколку зелени растенија во канцеларијата можат да влијаат на среќата на вработените. Лицата кои работеле во канцеларии со растенија и прозорци се покажале како посреќни и позадоволни во врска со својата работа од лицата кои работеле во канцеларии без прозорци и без растенија.
Разновидност на бои
Боите во околината која ги опкружуваат вработените значително влијаат на менталната состојба. Поконкретно, за сината боја се смета дека е интелектуално стимулативна, жолтата дека ја инспирира креативноста, а зелената придонесува за смиреноста и балансот.
Уметност
Иако нема многу истражувања направени за тоа како уметничките дела влијаат на работното место, истражувањата направени во болниците посочуваат дека уметноста ги смирува пациентите и го потпомага лечењето.
„Уметноста му додава димензија на просторот и создава чувство дека не се наоѓате во просторија која е наменета само за производство.“